Friday, November 29, 2013

Кажи ми

Кажи ми нешто, знаеш дека тишината ме оглувува од гласнотија...стадо труби, кои вдишуваат и издишуваат над мојата глава. Кажи ми нешто, јажето веќе одамна ни ги вцрвени дланките, старо и ветво, разјадено и разлистано, а гори со секој милиметар што ни пролизгува. Кажи ми зошто ја обожувам есента повеќе од пролетта, зошто сакам да се исплачам на среќни завршетоци подеднакво како и на тажни моменти? Можеш ли да ми кажеш зошто ја имам потребата да бидам челичната лејди секој пат, вратот исправен, погледот насочен благо нагоре и еден тон тежок терет од обврската и потребата секој од околу да е среќен, насмеан, весел, личен комичар кој работи на мисловен повик и личен неуспех доколку просторијата не цути како да е пролет, радост и спокој со млеко во рака и медоина од уста. Девојчица од челик, со атласовото време и бреме на своите плеќи, а доволна е еден искрена пријателска насмевка, прегратка, малку топлина, љубов и да се распаднам на милион парчиња како гикантска сложувалка, еден допир и сантата лед веќе потсетува на ланскиот снег, зошто? Зошто можам да трпам и траам додека душата самоуништувачки се јаде, па потоа тонам во сопствената тажна приказна која слепо води кон женска литература, преврзи една рана, излижи друга, гушни ќебенце да те згрее, чај-кафе, солзи... Бест селер станува типична Халмарк приказна, чик флик од корица до корица, и потоа корица на корица, зарем светов е преплавен со очајни жени, зошто, кажи ми зошто?

Планини, ливади, зеленило, ораница, цветни полиња, сонувам...внатрешна статичност која ме одвраќа од временските интервали поминати во од, зошто, ме познаваш, кажи ми зошто? Зошто љубов водење со изгрејсонце и зајдисонце, кога јас сум едноставно вљубена во сончевата топка кога не ми ги гори рожниците, во било кое време од денот кога ме разгалува со срамежливи додворувања, нежни и пердувести допири. Гледам во очи, пламени јазици во одсјај од стаклени перли, ги смируваат немирните води и се преминува во безтежинска состојба, лебдиме. Кажи ми зошто студот ми е неподнослив, а со првиот снежен растрес замислувам снежни ангели и црвени образи, памукчиња што потсетуваат дека на момент и на земјата е рај.
Зошто дијаметрална спротивност е фатална привлечност за моите мозочни бразди, душевни потреби и очи кои шараат, дланки кои изтражуваат... Кажи ми зошто трагам, барам, одново запознавам скриени агли и ќошиња, јас, минати чекори и идни патеки, веќе изодени плочници, минато есенските жолто суви листови и оние жешки песочни зрна кои следат, пируети на сите страни, упивање на сите слики.

А што тоа би ми кажал ти, што јас веќе не го знам... затоа што сонцето секогаш изгрева на исток, а заоѓа на запад, затоа, токму затоа. Затоа што зимата е секогаш ладно, а летото пеколно топло, затоа што се и секој се врти околу соствената оска, затоа што јас сум јас, а ти си ти. Зошто очајував да припаѓам некому, тебе, толку многу, попат заборавив дека веќе сум нечива, своја.

Кажи ми, зошто, раскажи ми... оркестарот одамна го одсвире своето, а гласнотијава никако да запре, труби, јажиња, јамки, рани и гушење. Кажи ми...

Thursday, November 21, 2013

Навика да глоѓа

Убаво е времево деновиве,сонцето отвара, а облаците даваат можност за празнење. Долго време притискаш чувства, насмевка по секоја цена, смеење, безгрижност во очи и храброст во чекор. Кога гуслата си го изгуслува своето, пружината затегната до максимум, следи опуштање, легнуваш во пена, слобода... Слобода да бидеш лут на себе, на луѓето околу тебе, на колите кои брчат, на општеството и она што го викаш родно место, среќа за ластовиците што летаат и нервоза затоа што физиолошки се изразуваат на твојот автомобил и свежо исчистената тераса, љубов и нељубов, слобода да тажиш, да се исплачеш и да знаеш дека е во ред... И тука следи она после дождот оди сонце, тркалото секогаш се врти, ќе биде подобро...а што ако после дождот следи пак дожд и уште поголема бура, а тебе ти е неверојатно убаво да стоиш сам на дождот? Кога ветрот прави корки на усните и остава солена црвеникава влага, а ти велиш гушни ме и подигни ме на воздушните јазли, помогни ми да летам. Што ако слободата да чувствуваш тага и празнотија стане толку топло чувство да те потсетува на дома? Тага, лутина, љубов за љубов, но не и вистински бакнеж и пеперутки, само насекаде, само кафе, само филм гледање, солзи и убавината кога очите ти се поголеми и побистри потоа, со сите вас топлинки и широк дуксер, и дома сум. Зарем не те плаши тоа? Мене премногу... Учиш некои работи за себе си со изминатите години, демек созреваш, а всушност случувањата те обликуваат по за сите непознат калап, како ќе се погодат и усогласат копците и забците.И одеднаш се наоѓаш во менѓеме пикнато во рерна, и стасуваш како глинено тесто, човече кое од трпење, приспособување и навикнување ја меша тагата за среќа, љубовта за мазохисам, несреќа, болка, дајте уште, уште , уште... После години поминати, учиш дека можеш се сам, а се плашиш дека можеби навистина некој ќе ти ѕирне во душата и ќе останеш баш таков-сам, патиш по допир на кој можеш безбедно да му се препуштиш, а свесен си дека грчот кој те држи понастрана од болка е единственото нешто што те оджува жив и истовремено она што ти ги убива сите шанси за споделено гушкање. Боли да си ти, боли да повредуваш други бидејки си тоа што си, а сепак уживаш... кога навикнуваш на негативности, би го препознал ли светлото и позитивната поларност? Кога ќе ти подадат рака за вистинска искрена љубов, ќе ја препознаеш ли и прифатиш? Ќе успееш ли да излезеш од таа комотна мемори пена на сагата, со голем силен чекор кој скоро секогаш ти ги разранува стапалата и разјадува раните на душата? Дали си доволно тврдоглав да се погледнеш во огледало и доволно брутален да си признаеш дека ова не беше среќното дете кое веруваше во розовите зајдисонце облаци и дувањето свеќи за да те сакаат мама, тато и дада?

Не се помирувај со болка, тага и медиокритет, можеш повеќе, заслужуваш планини со цвеќиња и зелена трева која понекогаш засекува? Знаеш како, знаeш точно како .... знаеш се...