Планини, ливади, зеленило, ораница, цветни полиња, сонувам...внатрешна статичност која ме одвраќа од временските интервали поминати во од, зошто, ме познаваш, кажи ми зошто? Зошто љубов водење со изгрејсонце и зајдисонце, кога јас сум едноставно вљубена во сончевата топка кога не ми ги гори рожниците, во било кое време од денот кога ме разгалува со срамежливи додворувања, нежни и пердувести допири. Гледам во очи, пламени јазици во одсјај од стаклени перли, ги смируваат немирните води и се преминува во безтежинска состојба, лебдиме. Кажи ми зошто студот ми е неподнослив, а со првиот снежен растрес замислувам снежни ангели и црвени образи, памукчиња што потсетуваат дека на момент и на земјата е рај.
Зошто дијаметрална спротивност е фатална привлечност за моите мозочни бразди, душевни потреби и очи кои шараат, дланки кои изтражуваат... Кажи ми зошто трагам, барам, одново запознавам скриени агли и ќошиња, јас, минати чекори и идни патеки, веќе изодени плочници, минато есенските жолто суви листови и оние жешки песочни зрна кои следат, пируети на сите страни, упивање на сите слики.
А што тоа би ми кажал ти, што јас веќе не го знам... затоа што сонцето секогаш изгрева на исток, а заоѓа на запад, затоа, токму затоа. Затоа што зимата е секогаш ладно, а летото пеколно топло, затоа што се и секој се врти околу соствената оска, затоа што јас сум јас, а ти си ти. Зошто очајував да припаѓам некому, тебе, толку многу, попат заборавив дека веќе сум нечива, своја.
Кажи ми, зошто, раскажи ми... оркестарот одамна го одсвире своето, а гласнотијава никако да запре, труби, јажиња, јамки, рани и гушење. Кажи ми...
No comments:
Post a Comment