Денес решив да ја кажам вистината. Денес одлучив да се ослободам од стегите. Денес решив да те распнам тебе. Ќе ме осудуваш? Ќе пукаш во мене? Ќе плукаш по мене? Не сум веќе глуварче... не сум нем, тегав амебовиден створ... Денес решив дека ќе бидам она што навистина сум, денес сум Јас.
Едно по друго се нижеа врежаните линии на твојот рбет...со секое следно заривање во столбот мислеше дека си поблиску до својата победа, поблиску до апсолутната среќа, поблиску до сопственото воскреснување. И кога ќе ти заржев, ќе се насмевнеше мило, принудувајки ме да се обележам себеси со уште еден неуспех, со уште една грешка, обојувајки ме со бојата на очај и вина.
Зебрата беше кротка, секогаш потчинувајки се на твојот збор...шепот...здив... Лудило или хипноза...проклето манипулирана, водена и насочувана. Кога веќе не се препознав од боите на виножитото, кога веќе не гледав...замрежена и осамена...се збоднав самата себе, самата себе се зарив во слабините...викнав од болка, малку заплакав, клоцнав колку што ме држеше силата...не ме контролираше црното вретено...не ги владееше моите узди. Бев решена да излезам од живата кал...да завладеам со самата себе, да бидам свој слуга и господар, да бидам она што навистина сум...да бидам Јас.
Веќе не тонев во калта, не ни плутав на површината... сега лебдев над неа. Сама ја предев својата нишка, ја отфрлив зебрестата ткаенина, ги прегризав уздите...бев гола пред огледалото и гола пред цел свет... Ги стегнав мускулите, ги напрегнав жилите...сите сетила изоштрени и силни...вдишав и зачекорив...трчав... За прв пат по долго време, го слушав тупотот на сопствено, а не твоето...го слушав сопствениот глас во мојата глава...за прв пат по долго време мојата душа беше едноставно она што е...ги немаше твоите раце да ја изменат, извештачат ..отуѓат од нејзиниот господар.
Денес ја кажав вистината...се ослободив од твоите стеги... Денес не сум безимено глуварче, непознат амебовиден створ... Денес сум она вистинското, единствено и никогаш неповторувачко...ЈАС!!!