Tuesday, May 31, 2016

Потфрлив....

Кога пука нешто во тебе длабоко, го слушаат ли другите? Не мислам на љубовно слепило, па срце скршено, туку најпримитивното и суштинско ти, таа душата од внатре што те прави жив и посебен. Кога ќе се појават бразди, а тебе ти се случуваат бури, торнада и земјотреси, и имаш чувство дека некој те претепал, дали луѓето од околишот слушаат звецкање на стакленца, или бучава како земјата да се отвара. А храбар си, не ти се дава, што ради себе, да не се објаснуваш и да потрошиш живот од три дена, а што и од инает, со шмекерски насмев, па главата горе и ај донт гив а фак. Прашање ми е , дали полесно е да преќутиш и да трчаш 2 саати без престан дур не испразниш се, и задната трошка сила што би те натерала да пуштиш солза и покажеш слабост? Или можеби да земеш да вриштиш, урлаш, кршиш, се дур не го потрошиш тоа гнилото од тебе што ти ја труе и скапува суштината?
Многу прашања ми се мотаат низ глава, пошто во уши имам олуја од Ное потоп размери, а околу мене луѓево се како во убав пролетен ден со виножита и покрај тоа што нема дожд, едноставно ги има за уметнички дојам. А не ми се смее... ми се се трча и ми се плаче, ама еден убав осмех со бели забчиња чисто за пркосење, пиреј. Кога веќе не се вклопувам во ниеден шаблон, не исполнувам очекувања и туѓи желби....Никогаш доволно, никогаш тостојно, уште уште уштееее , давај уште, а празни рацете и гола сум останала. Туѓи желби, туѓи потреби, туѓи надежи, и кога се е туѓо, потфрлам, дури и кога потфрлам не сум сигурна дали е тоа доволно добро. Ќе ти пркосам, на сите вас, пиреј ќе бидам... живеам, не за тебе и остатокот, туку само за мене...

Friday, November 29, 2013

Кажи ми

Кажи ми нешто, знаеш дека тишината ме оглувува од гласнотија...стадо труби, кои вдишуваат и издишуваат над мојата глава. Кажи ми нешто, јажето веќе одамна ни ги вцрвени дланките, старо и ветво, разјадено и разлистано, а гори со секој милиметар што ни пролизгува. Кажи ми зошто ја обожувам есента повеќе од пролетта, зошто сакам да се исплачам на среќни завршетоци подеднакво како и на тажни моменти? Можеш ли да ми кажеш зошто ја имам потребата да бидам челичната лејди секој пат, вратот исправен, погледот насочен благо нагоре и еден тон тежок терет од обврската и потребата секој од околу да е среќен, насмеан, весел, личен комичар кој работи на мисловен повик и личен неуспех доколку просторијата не цути како да е пролет, радост и спокој со млеко во рака и медоина од уста. Девојчица од челик, со атласовото време и бреме на своите плеќи, а доволна е еден искрена пријателска насмевка, прегратка, малку топлина, љубов и да се распаднам на милион парчиња како гикантска сложувалка, еден допир и сантата лед веќе потсетува на ланскиот снег, зошто? Зошто можам да трпам и траам додека душата самоуништувачки се јаде, па потоа тонам во сопствената тажна приказна која слепо води кон женска литература, преврзи една рана, излижи друга, гушни ќебенце да те згрее, чај-кафе, солзи... Бест селер станува типична Халмарк приказна, чик флик од корица до корица, и потоа корица на корица, зарем светов е преплавен со очајни жени, зошто, кажи ми зошто?

Планини, ливади, зеленило, ораница, цветни полиња, сонувам...внатрешна статичност која ме одвраќа од временските интервали поминати во од, зошто, ме познаваш, кажи ми зошто? Зошто љубов водење со изгрејсонце и зајдисонце, кога јас сум едноставно вљубена во сончевата топка кога не ми ги гори рожниците, во било кое време од денот кога ме разгалува со срамежливи додворувања, нежни и пердувести допири. Гледам во очи, пламени јазици во одсјај од стаклени перли, ги смируваат немирните води и се преминува во безтежинска состојба, лебдиме. Кажи ми зошто студот ми е неподнослив, а со првиот снежен растрес замислувам снежни ангели и црвени образи, памукчиња што потсетуваат дека на момент и на земјата е рај.
Зошто дијаметрална спротивност е фатална привлечност за моите мозочни бразди, душевни потреби и очи кои шараат, дланки кои изтражуваат... Кажи ми зошто трагам, барам, одново запознавам скриени агли и ќошиња, јас, минати чекори и идни патеки, веќе изодени плочници, минато есенските жолто суви листови и оние жешки песочни зрна кои следат, пируети на сите страни, упивање на сите слики.

А што тоа би ми кажал ти, што јас веќе не го знам... затоа што сонцето секогаш изгрева на исток, а заоѓа на запад, затоа, токму затоа. Затоа што зимата е секогаш ладно, а летото пеколно топло, затоа што се и секој се врти околу соствената оска, затоа што јас сум јас, а ти си ти. Зошто очајував да припаѓам некому, тебе, толку многу, попат заборавив дека веќе сум нечива, своја.

Кажи ми, зошто, раскажи ми... оркестарот одамна го одсвире своето, а гласнотијава никако да запре, труби, јажиња, јамки, рани и гушење. Кажи ми...

Thursday, November 21, 2013

Навика да глоѓа

Убаво е времево деновиве,сонцето отвара, а облаците даваат можност за празнење. Долго време притискаш чувства, насмевка по секоја цена, смеење, безгрижност во очи и храброст во чекор. Кога гуслата си го изгуслува своето, пружината затегната до максимум, следи опуштање, легнуваш во пена, слобода... Слобода да бидеш лут на себе, на луѓето околу тебе, на колите кои брчат, на општеството и она што го викаш родно место, среќа за ластовиците што летаат и нервоза затоа што физиолошки се изразуваат на твојот автомобил и свежо исчистената тераса, љубов и нељубов, слобода да тажиш, да се исплачеш и да знаеш дека е во ред... И тука следи она после дождот оди сонце, тркалото секогаш се врти, ќе биде подобро...а што ако после дождот следи пак дожд и уште поголема бура, а тебе ти е неверојатно убаво да стоиш сам на дождот? Кога ветрот прави корки на усните и остава солена црвеникава влага, а ти велиш гушни ме и подигни ме на воздушните јазли, помогни ми да летам. Што ако слободата да чувствуваш тага и празнотија стане толку топло чувство да те потсетува на дома? Тага, лутина, љубов за љубов, но не и вистински бакнеж и пеперутки, само насекаде, само кафе, само филм гледање, солзи и убавината кога очите ти се поголеми и побистри потоа, со сите вас топлинки и широк дуксер, и дома сум. Зарем не те плаши тоа? Мене премногу... Учиш некои работи за себе си со изминатите години, демек созреваш, а всушност случувањата те обликуваат по за сите непознат калап, како ќе се погодат и усогласат копците и забците.И одеднаш се наоѓаш во менѓеме пикнато во рерна, и стасуваш како глинено тесто, човече кое од трпење, приспособување и навикнување ја меша тагата за среќа, љубовта за мазохисам, несреќа, болка, дајте уште, уште , уште... После години поминати, учиш дека можеш се сам, а се плашиш дека можеби навистина некој ќе ти ѕирне во душата и ќе останеш баш таков-сам, патиш по допир на кој можеш безбедно да му се препуштиш, а свесен си дека грчот кој те држи понастрана од болка е единственото нешто што те оджува жив и истовремено она што ти ги убива сите шанси за споделено гушкање. Боли да си ти, боли да повредуваш други бидејки си тоа што си, а сепак уживаш... кога навикнуваш на негативности, би го препознал ли светлото и позитивната поларност? Кога ќе ти подадат рака за вистинска искрена љубов, ќе ја препознаеш ли и прифатиш? Ќе успееш ли да излезеш од таа комотна мемори пена на сагата, со голем силен чекор кој скоро секогаш ти ги разранува стапалата и разјадува раните на душата? Дали си доволно тврдоглав да се погледнеш во огледало и доволно брутален да си признаеш дека ова не беше среќното дете кое веруваше во розовите зајдисонце облаци и дувањето свеќи за да те сакаат мама, тато и дада?

Не се помирувај со болка, тага и медиокритет, можеш повеќе, заслужуваш планини со цвеќиња и зелена трева која понекогаш засекува? Знаеш како, знаeш точно како .... знаеш се...

Thursday, December 15, 2011

ЈАС

Денес решив да ја кажам вистината. Денес одлучив да се ослободам од стегите. Денес решив да те распнам тебе. Ќе ме осудуваш? Ќе пукаш во мене? Ќе плукаш по мене? Не сум веќе глуварче... не сум нем, тегав амебовиден створ... Денес решив дека ќе бидам она што навистина сум, денес сум Јас.
Едно по друго се нижеа врежаните линии на твојот рбет...со секое следно заривање во столбот мислеше дека си поблиску до својата победа, поблиску до апсолутната среќа, поблиску до сопственото воскреснување. И кога ќе ти заржев, ќе се насмевнеше мило, принудувајки ме да се обележам себеси со уште еден неуспех, со уште една грешка, обојувајки ме со бојата на очај и вина.
Зебрата беше кротка, секогаш потчинувајки се на твојот збор...шепот...здив... Лудило или хипноза...проклето манипулирана, водена и насочувана. Кога веќе не се препознав од боите на виножитото, кога веќе не гледав...замрежена и осамена...се збоднав самата себе, самата себе се зарив во слабините...викнав од болка, малку заплакав, клоцнав колку што ме држеше силата...не ме контролираше црното вретено...не ги владееше моите узди. Бев решена да излезам од живата кал...да завладеам со самата себе, да бидам свој слуга и господар, да бидам она што навистина сум...да бидам Јас.
Веќе не тонев во калта, не ни плутав на површината... сега лебдев над неа. Сама ја предев својата нишка, ја отфрлив зебрестата ткаенина, ги прегризав уздите...бев гола пред огледалото и гола пред цел свет... Ги стегнав мускулите, ги напрегнав жилите...сите сетила изоштрени и силни...вдишав и зачекорив...трчав... За прв пат по долго време, го слушав тупотот на сопствено, а не твоето...го слушав сопствениот глас во мојата глава...за прв пат по долго време мојата душа беше едноставно она што е...ги немаше твоите раце да ја изменат, извештачат ..отуѓат од нејзиниот господар. 
Денес ја кажав вистината...се ослободив од твоите стеги... Денес не сум безимено глуварче, непознат амебовиден створ... Денес сум она вистинското, единствено и никогаш неповторувачко...ЈАС!!!

Замена

Заспиваш, сонуваш кошмари, се будиш- безусловен редослед. Не сум стигнала ни да трепнам, а веќе клинците и чувствувам длабоко околу срцето, не вдушувам, не издишувам, не се поместувам, не ни треперам, знам дека било какво движење ќе го притисне чрапалото, упатувајќи ги оштриците во центарот на срцето. Болка која убвива. Потта набрекната во исчекување на напливот на болка. Знам дека ќе ми пукне срцето и сета душа останата во него, не ќе можам понатаму. Затоа не се помрднувам, не ни трепнувам, затоа што знам дека нема да преживеам, премногу болка за мене. Што и да е ќе помине, болка- дај и некој ден плус минус,  ама кога еднонасочно, неколебливо живиниот столб оди нагоре.... како да кажеш доста. Заспиваш, сонуваш кошмари и се вудиш...но што да правиш кога кошмарот ти станува дел од реланоста, како да се разбудам од она што не го сонувам? Кога боли, ми рекоа удри се на друго место, првата повреда ќе ја занемариш... а веќе пепел ја сторив кожата, тигар со сршени заби и нокти и изветвена кожа, а сеште ми ги држи оштрите карчиња камен во грло... Како да се предадам, да кажам доста, зарем не залужив избор, право на глас, не жртва-туку спас...затоа што животот ваков е зарѓана бодликава жица. Да знаев, ....сакам само да знаев... ќе се дадев себе... Немам многу заслуги за да бидам овде, не сега....Сакам да сменам места, сакам замена, зошто никој не ме слуша.

Нови сликички

Залепив нови сликички во албумот. Неочекувано ми ги дадоа, на неконвенционален начин, онака спонтано... Ги имам, имам, имам, немам, немам, немам... не барам бројчиња туку само комбинација од карактеристики. Не ми сметаат, не ми прават разлика боите, прифатливи се ситениту аглите, ниту оштриците, сакам се, отворена кон се, само да se вклупат  во облакот од катјони во кој се движам и функционирам.

Пукање позитива електрицитет на сите можни страни, па да видиме што ќе врати назад. Обоени парчиња хартија со човечки лица на нив... укличено ладало, па да видиме што ќе фрли вртелешката накај мене... Веќе имав видено многу сликички, опаковки без број, дали ќе успеам да ја најдам баш онаа што ќе се вклопи во екстериерот што го нудам, и интериерот што себично го кријам. Албумот е отворен, сега чекаме...

Полека и внимателно одпакувам, ѓи кинам ќошињата, ѓи одлепувам краевите...наплив на адреналин, пот на дланките, треперење на прстите, избор од пет случајни ликови, но не така случајни личности. Разгледувам, детално анализирам, ехо ритуал...ја најдов. Старо празно место...ново пополнето, лице со секогаш свежа насмевка, искрени црти на лицето, проѕирен штитник на очите. Збор неизустен кој смирува, мисла не помислена која создава искреност, допир кој создава пријатна  топлина. Нова сликичка залепена, едно празно место прешкртано, уште една комбинација на слух, вид, насмевка и најбитно мисла што прават да се чувствувам како најголемиот пријател со милион прегратки околу себе. Ново лице. Нов пријател...ти благодарам.   

За Македонија... Со леб, ајвар и туршија...

Седнавме така ние и бистриме политика... како сите држави биле поОК од нас, колку се ни било лошо, колку сме биле заостанати... и што ти уште не, се до оној момент кога ни текна дека ние всушност  сме Македонци и големи патриоти, и ако ние не си ја фалиме Македонија кој ќе ни ја фали?
А викаме се е лошо, е како да не, ние имаме највкусна храна на свет. Што милисш што јадат познатите фаци кога ќе дојдат во Мкд? И кога ќе си отидат никој од нив не зборува за бизнисот, економијата или политиката тука, туку зборуваат за храната. Значи клучот за успехот на Македонија: сирењето, питата, ајварот, сторените пиперки, гравчето... а можам вака до бескрај да пишувам. Заклучок: Одиме во Европска Унија со по една тегла ајвар, погача леб и кантиче кисело млеко.
Викаат ние не сме биле народ за восхит и стравопочит. Е, ај да видам некој друг да испече 100кг пиперки за два дена (еден викенд). Па, кај треба да ги печеш, уште треба и да ги лупиш. И додека ти виткаш кичма и валкаш прсти, најадените ни гости од највкусен ајвар лежат на некоја плажа, ама гајле ти е, оти ти тоа го правиш за атер на Македонија. По завршениот ајвар продолжуваме со туршијата. Сторените пиперки и киселите зелчиња. Е сега малку мака со расолот ќе имаш, ќе трпиш и оцетна реа и ќе киснеш раце во солило, ама кога се мора, се мора.
И таман ќе помилисш готова е работата, се сме завршиле, ќе фаќаме чартер за Европа, овие одозгора не запираат. Зошто? Е каде се тргнувало на долг пат без гравче? А и туршијата не одела сама?! И брзо, брзо, на две на три, готово е и гравчето, ама за да се фати мајата ставаме и по едно сушено пиперче. Готово!
Вака спремни, настегани, ЕУ не ни бега, оти на сите им се лакоми рачето по нашето...

...Му раскажуваше бабата на своето внуче, кое веќе одамна беше заспано и го сонуваше синото знаме и неговите 12 жолти свездички.