Утринава ме разбудија сенките кои се кошкаа пред дрвената рамка. Игра на сиволо и нианси на бело... Скаменето лежам, внимателно вдишувам, секоја промена води кон неповратно губење на спокојот. Криви линии, купчиња, ридови, прекриени со истиот прав... Се загледав силно, фокусирав...принт скрин и меморирано во фолдерот на прекрасните утрински доживувања. Снег...
Стоев на скалилата, вчудоневидена од неочекуваниот пресврт... Го немаше металното страшило од конзервите на комшијата. Во прво време го презирав мирисот на метал кој скапува, се плашев од сенките што ги создаваше под стегите на неонката, но сепак бев благодарна затоа што на секое поминување во мене ја разгоруваше потребата од впрегнатост на сите сетила со цел да ги преживеам ромбоидните бомби кои секогаш успеваа да ги најдат моите стапала. Ги немаше...Снег...
Ја немаше ни флеката од засирената крв на плочникот... Го бев навикнала засирокот оставен од милото мало топче што ме позадравуваше секое утро по завршената утринска активност. Која реткост е рано наутро, безусловно да добиваш кофи позитивна енергија и среќно и задоволно мрдање на малата топчеста задница. Дисколоритетот на плочките иронично поразен од еноличноста на белилото. Снег...
Се скрија и грдите графити кои ми ги замислуваа гости на секое нивно доаѓање. Исчезнаа неубавите фасади кои никој не се нафаќаше да ги обнови...Беше нов момент, сосема нов свет на сталоженост кој произлегуваше од униформитетот на неколку нианси.
Грдилото исчезна...спокој, чистина... движејки се на местата каде што никој не зачекорил пред мене, успеав да стигнам височините и длабочините...со мисловна активност во Ворп брзина, застанав во средината на она што го паметев како зелено, со испружени раце ја отфрлив целата тежина од тоа да се биде јас....
Студенилото полека се пробиваше низ слоевите, уште повеќе допринесувајќи кон внатрешниот мир...се околу мене мируваше, бевме смао јас и белото. Денес бевме доволни јас и снегот... повторно се раздвижија сенките, ми го прекрија лицето... Беше едно од тие утра за меморирање во посебниот фолдер. Врнеше снег...
No comments:
Post a Comment