Thursday, December 15, 2011

Жонглер


Што да правиш кога кошницата ти е преполна?

Притисок и вртлози создадени од мешавината на енергии и емоции. Веќе со години ти ги трупаат рацете, скутот и престилката со решени рубикови коцки, патокази  и анемометри за сите можни дестинации.
Какво олеснување, создавање на сопствени мисли,не!
Донесување на сопствени одлуки, не!
Живеење по свој терк, не!
Бакнување по сопствен инстинкт, не!

Деловник содржан од правила и прописи, кодекс на движење и спроведување на себе си низ светот. Цицалче, плач  за да си ги искажеш потребите, глад,немир,нервоза,непријатност,плач за да потврдиш присутност, покажеш живот. Без зборови, без букви, само еден глас, еден писок и доволно е да бидеш слушнат, разбран, дури послушан и прифатен, дури и дишењето ти е разбрано.

Старееш, читаш книги, разговараш, резонираш полемизираш, а со секој ден, со секоја прелистана страна и акумулирана година стануваш се потивок, незабележлив, неразбран. Незабележлива иронија, или посилниот го диктира тактот на чекорење. Парадоксот на седобриот, сеопростливиот, серазбирливиот одгледувач.                                                      

Растеш, од фетус до трска, растеш човеку, а со секој милиметар се обидуваат да те оформат во голема капка вода во кандилото полно со масло. Нервира, иритира и фрустрира.  Од почеток па до самиот крај, од првото утро до последниот мрак, сите се разновидни, сите се посебни, единки сами за себе, независни од сите струи и зрачења. Тогаш зошто ти креатору мој се обидуваш да ме водиш со шинтерскиот стап, повлечи кога ќе застранам од твојата патека, затегни ако протестирам, уди по муцката ако се бунтувам. Кога ќе се погледнам во огледалото треба да се видам себе или тебе, треба да ги одиграм твоите чекори или можеби да ги проследам оние тонови од музиката кој ти си ги испуштил. Зарем сум кукла заробена во твојата музичка кутија, се вртам околу својата оска со секое навивање на механизмот, или можеби сказалката од твистерот која ја вртиш ти е одредиштето на моето утре. Свиткан врат и завиен рбет, но што кога грамадно ќе ја исправам снагата, што потоа? Ќе удиш со стап по мене, ќе бодеш и сечеш онаму каде што најмногу боли...избежна изнудената послушност, презир, гнев, одбивност, далечина... Тоа сме јас и ти.. Како што стискаш на моите копчиња од машината за куцање, така јас ја пишувам мојата приказна. Акција-реакција, Њутон знаел што зборува, ефект по кој сосема сигурно следи и контра... А не сакам, верувај ми не сакам, но кога изборот се сведува на доток од инка, тогаш ги заборавам трите точки и ставам една завршна без двоумење, без мисла, без можност за додавки, исправки.                                                                                                                                                                                                                          

 Што да се правиш кога кошницата ти е преполна? - Почни да жонглираш.

No comments:

Post a Comment