Џезабел, затвори ги очите, дозволи сонот нека те совлада, попушти еднаш... Еднаш, лимениот џин нека остане во сенка од големината што ја има во човечноста и кревкоста твоја. Кога боли, скриј се, не ја разголувај кожата во повик на новите удари,заплачи, свиткај се, сврти ја главата, скриј се. Херојот не видел сонце, не видел сино небо и безгрижност, секогаш во дефанзива, секогаш на готовност... слобода без грч, никогаш.
Крени ги рацете, рашири ги дланките, нека зрачат прстите, пушти солза, или само викни, не е ради другите туку ради себе, ослободи се од притисикот секогаш да бидеш со здрвен врат. Свиј се, развлечи се како жална врба и кажи го гласно БОЛИ. Зарем мислеше доволна е една весела мимика, и навистина да се смени она што го чувствуваш, насмевка за сите останати, пеколна претстава за тебе. Велиш вистината ќе стане лажна, лагата вистинита, а кога ќе се случи тоа се ќе биде полесно, розевото ќе биде исто како црното, а црното исто како се останато. Розеви наочари им ставаш на сите околу,се е прекрасно, неверојатно, весело, самовили и виленици во единство со целата природа се журкаат на отворена забава со магичен ѕвезден прав. Што и да е, која и да е призмата...одсликување, пресликување, илузија, можеш да ги излажеш сите но не и себе си. И да си најупорна на целиот свет, премачкај си ги очите, површината зрачи боја, а не она внатрешното , суштинското. Ќе се лажеш себе, и од почеток ќе се тераш себе си да си веруваш, а после некое време веќе ќе веруваш во сопствената измислица...навистина? Кога ровови се издлабени, прашање е само на време кога конструкцијата тло ќе стане.
Знам дека те боли, престани со фасадата... те боли, ама излези од ироничната комедија, застани на нешто макар и прстиња, ама стој. Те гледам како центар на вниманието и случувањата околу тебе, стаклени округли чаши, заводливи движена на ритамот кој ти годи... Центар на тагата своја, ја опиваш болката со слатко-горчливи обоени пијачки. Не се ни обидувај да ги изедеш чувствата. Затвори ги очите за момент, стиси ги прстите во тупаниците, замисли ги брезите, боровите и елките околу тебе и викни, викај колку што те дршат жиците од тамбура, викај и не запирај додека вентилот сам не се испразни...викај затоа што те боли, викај затоа што си сама, викај затоа што се чувствиваш ладно, викај затоа што си несреќна...викај, не го бандажирај чувството во себе, не се склопчувај.
Признај си ја болката на себе, а останатите помножи ги со нула...признај си себе, дишење без задршка, движење без засечки...живеење...живеење со болка, но без страв од неа, моја Џезабел... моја драга Џези.
No comments:
Post a Comment